МЕТ ЛЕБЛАНК ГО НАПУШТА ШОУТО „ТОП ГИР“

Лондон, (Гардијан)

Актерот Мет ЛеБланк го напушта популарното автомото шоу „Топ гир“ на крајот на сезоната, објави Би-Би-Си.

ЛеБланк му се заблагодари на тимот за „одлично возење“ и кажа дека си оди за да поминува повеќе време со семејството и со пријатели.

„Моето искуство во ‘Топ гир‘ беше една голема забава. Уживав да работам со целиот тим. Сепак, ова шоу бара голема посветеност и чести патувања и тоа ме оддалечи од семејството и пријателите. Токму од таа причина, нема да продолжам со шоуто, но останувам негов најголем фан“, изјави поранешната ѕвезда на „Пријатели“.

ЛеБланк и Мет Еванс беа промовирани во главни водители на стартот на 23. сезона, откако Џереми Кларксон беше отпуштен во 2015 година поради физички напад врз еден продуцент. Еванс си замина во меѓувреме поради пад на гледаноста и големи критики.

„Следната сезона на ‘Топ гир‘, последна со ЛеБланк, ќе биде нешто навистина посебно и тогаш ќе го најавиме и новиот водител кој ќе му се придружи на тимот“, изјавија од Би-Би-Си.