Дваесет и седумгодишната манекенка, леди Кити Спенсер, која е внука на принцезата Дијана, стана најновиот амбасадор на брендот за луксузен накит „Булгари“, потпишувајќи договор вреден до еден милион фунти.

Следејќи ги стилските чекори на нејзината покојна тетка, Кити Спенсер започна кариера во модниот свет и, според познавачите, веќе прави големи чекори.

Кити Спенсер во креации на „Долче и Габана“ на модната писта и на кралската свадба на Хари и Меган

Првата кампања на британската благородничка беше за „Долче и Габана“ на почетокот на годинава, а се појави и на модната писта за нивната „СС 18“ колекција.

Договорот од милион фунти со „Булгари“ е за една година. Но, експертите од модната индустрија предвидуваат дека Кити би можела да има двојно зголемување на овој годишен приход, ако продолжи да соработува со луксузни брендови.

Како одличен бренд амбасадор, Кити носеше фустан на „Долче и Габана“ на свадбата на Хари и Меган на 19 мај. Со над 362.000 следбеници на Инстаграм и со славата што ја стекна по свадбата, Кити е предодредена да стане една од најмоќните жени во модата.

„Нејзината вредност лежи во ретката комбинација на голема ангажираност на социјалните мрежи со благородничка титула, како и во поврзаноста со модни куќи и во добротворната работа“, изјави модниот експерт Крис Огл.