Креаторите на „Саут Парк“, Треј Паркер и Мет Стоун, постигнаа договор за преселба на сатиричната анимирана серија на стриминг сервисот „Парамаунт+“. Според петгодишниот договор, на „Парамаунт+“ ќе се прикажуваат сите досегашни 26 сезони и ќе има премиера на 50 нови епизоди.
Големите стриминг платформи неколку месеци наддаваа за „Саут Парк“, која досега се емитуваше на „Ејч-Би-О макс“. Според „Лос Анџелес тајмс“, зделката со „Парамаунт+“ е вредна 1,5 милијарди долари.
„Саут Парк“ дебитираше во 1997 и новата сезона требаше да почне на 9 јули, но беше одложена поради преговорите за договор.