Стивен Хиленбург, креаторот на популарната анимирана серија „Сунѓерот Боб“, почина на 57 години.

Американскиот аниматор, сценарист и режисер во март минатата година објави дека боледува од амиотрофна латерална склероза (АЛС), но и покрај тоа, продолжи да работи на серијата на телевизијата „Никелодеон“, од која досега се емитувани околу 250 епизоди.

„Неговите оригинални ликови и подводниот свет на Бикини Ботом долго ќе останат како пример за вредностите на оптимизам, пријателство и неограничена моќ на имагинацијата“, се вели во соопштението на „Никелодеон“.

Поранешен наставник по поморска биологија, Хиленбург ја почнал кариерата во анимацијата во 1987 година. Универзумот на Сунѓерот Боб го креираше во 1999 година и тој набргу стана глобален хит, со синхронизација на преку 60 јазици.

„Во почетокот мислевме дека ќе има најмногу четири сезони, но сè уште оди. Денес го гледам Сунѓерот Боб на камиони за сладолед, имам голема колекција сувенири со него од Мексико, а во Египет дури го направија да носи хиџаб“, изјави своевремено Хиленбург, кој во почетокот на годината беше награден со специјално Еми.