„ТИН КАМП“, СПИНОФ СЕРИЈАТА НА „ДАЈТЕ МУЗИКА“, ЌЕ ИМА ПРЕМИЕРА НА 15 ОКТОМВРИ НА МРТ1

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Новата тинејџерска серија „Тин камп“ (Тинејџерски камп) ќе почне да се емитува на 15 октомври на МРТ1. Во продукција на „Рифенштал“, „Тин камп“ е замислена како спиноф на музичко-забавниот детски серијал „Дајте музика“.

„Понесени од фактот дека во изминатите 30-ина години во нашите медиуми имаше недостаток од тинејџерски играни серии, ‘Тин камп‘ ќе биде забавно-музички серијал кој ќе обработува теми соодветни за тинејџерите. Неколкумина тинејџери, талентирани за музика и танцување, се упатуваат во Крушево за да учествуваат во реномиран музички камп и да ја освојат главната награда – стипендија за американскиот музички универзитет Беркли. Во Крушево притоа се собираат деца од неколку балкански држави, со што кампот станува интернационален“, велат од продукцијата.

Серијата ќе има десет епизоди во времетраење од 30-ина минути. Миха Гигов, Филип Поповски, Анастасија Џабирски и Филип Ивковски-Боно и во новата серија ги глумат истите ликови, а играат и тинејџерите Петар Маниќ, Марија Јанчевска, Дарија Врачевиќ, Далија Стојменова, Кристијан Георгиев, Дамјан Мишов, Марин Стојановски, Фљона Исени, Калина Калчоски, Ања Стојанова и други деца на возраст од 14 до 17 години.

Искусниот дел од актерската екипа го сочинуваат Петар Мирчевски, Ивица Димитријевиќ, Ангела Димитрова, Оливер Митковски, Драгана Левенска, Бранко Бенинов, Тања Кочовска-Павловска, Предраг Павловски и други.