Хит-серијата „Венздеј“ на „Нетфликс“ го проширува светот на семејството Адамс, враќајќи се на екраните речиси три години по премиерата во ноември 2022. Втората сезона имаше светска премиера во лондонски Вестминстер, при што актерите и креаторите шетаа по виолетов тепих пред Централната сала и Центарот на кралицата Елизабета Втора.
Во новата сезона, Венздеј Адамс, која ја игра Џена Ортега, се враќа во академијата „Невермор“ како херој, на нејзино големо разочарување. Раздразливата тинејџерка решава нови натприродни мистерии, додека се справува со проблеми во своите психички моќи. Таа се соочува со уште една непријатност – семејството. Нејзиниот помал брат Пагсли ги започнува студиите во „Невермор“, а нивните родители се често присутни во кампусот.
„Таа е некако очајна оваа сезона и тоа е голем притисок“, рече Ортега.

Креаторите на серијата Алфред Гоф и Мајлс Милар рекоа дека „Венздеј“ се враќа како поголема и подобра.
„Има повеќе од семејството Адамс оваа сезона. Дознаваме повеќе за ликовите кои ги запознавте во првата сезона и тие имаат свои приказни“, рече Гоф.
Втората сезона воведува и нови ликови, вклучувајќи ги директорот на „Невермор“, Бери Дорт (Стив Бушеми) и матријархот на семејството Адамс, бабата Хестер Фрум (Џоана Ламли). Поп-ѕвездата Лејди Гага се појавува во улога на наставничка.
„Нетфликс“ ќе ја објави втората сезона во два дела: првиот на 6 август, вториот на 3 септември.
(Фото: Гети)