Екипата на „Пријатели“ преговара за снимање на нова заедничка серија, која би ги обединила сите шест главни актери, објавија американските медиуми.

Според „Вараети“ и „Холивуд рипортер“, серијата би се прикажувала на новата стриминг платформа „Ејч-Би-О Макс“, но таа, сепак, не би била директно продолжение на еден од најпопуларните ситкоми на сите времиња, што се снимаше од 1994 до 2004 година.

„Ејч-Би-О Макс“, што ќе биде лансиран во април 2020, за 425 милиони долари ги откупи правата за емитување на сите десет сезони на „Пријатели“. Серијата ќе се пресели од „Нетфликс“, каде што лани беше втора најгледана серија.

Џенифер Анистон, една од ѕвездите на серијата, неодамна навести дека „заедно работат на нешто“. Откако заврши снимањето на „Пријатели“, шесте актери никогаш повторно не беа заедно во еден проект.