Во Народниот музеј во Велес се изложени 25 дела на Одделението за историја на уметноста, кои се извадени од музејските депоа. Тоа е простор каде што се среќаваат врвни македонски автори и современата уметност. Делата се сопственост на велешкиот музеј, дел се откупени, дел подарени, освен едно, кое е отстапено за поставката.
„Изложените дела претставуваат внимателно селектиран пресек на развојот на македонската ликовна уметност. Поставката е авторско дело на Елица Николова, кустос-советник во Велешки музеј, која сега е во пензија. Поставените цртежи и скулптури хронолошки го следат развојот на уметничките тенденции од крајот на 19. век до 1980-тите години. Поставката започнува со дела од профаното сликарство во Македонија, портретите на Ристо Копанданов и Димитрија Аџи Манче и дела на Ѓорѓи Зографски“, кажа Александра Гиовска, кустос за историја на уметноста.
Изложени се и дела од Никола Мартиноски, Ана Темкова, Ангел Петров, Миле Корубин, Васко Ташковски, Спасе Куновски, како и скулптури изработени во дрво и мермер на Васил Василев, Боро Митриќевски и Драган Поповски-Дада.
П. ПЕЧКОВ