Кога тајландските маринци конечно ги напуштија пештерите Там Луанг по спасувањето на преостанатите четири деца и на нивниот тренер, тие беа пречекани од кордон луѓе, кои им аплаудираа и извикуваа „Хује“ (Hooyah).
Тоа стана заштитна фраза на нивната храбра спасувачка мисија, заеднички извик на прослава на овие меѓународни, повеќејазични напори, следени од целиот свет.
Хује сега е еден од најкористените изрази на Твитер и овој, инаку, борбен извик на американските маринци првпат беше употребен во врска со тајландската криза на 28 јуни, пет дена по исчезнувањето на децата. Тајландските маринци оттогаш редовно го користеа во своите објави на Твитер, што, откако станаа свесни дека ги следи цел свет, почнаа да ги преведуваат и на англиски. До тогаш, хује беше единствениот збор напишан со латинични букви.
„Јас не разбирам тајландски, но сигурно го разбирам последниот збор што го напишаа. Универзалниот израз за ‘успеавме‘“, напиша еден корисник на Твитер од Филаделфија.
Иако поддржани од меѓународен тим нуркачи, тајландските маринци беа срцето на целата операција и нивното „хује“ стана симбол на триумфот и на посветеноста, дури и откако еден нивни колега загина во пештерите.