„ВЕНОМ“ ГО СНИМИВ ЗА СИН МИ, ВЕЛИ ТОМ ХАРДИ ЗА СВОЈОТ НАЈНОВ ФИЛМ

Сан Диего, (Вараети)

Том Харди моментално го снима биографскиот филм за Ал Капоне, но претходно направи нешто и за својот син.

Британскиот актер го претстави својот нов филм „Веном“ на фестивалот „Комик кон“ во Сан Диего и откри дека неговиот син имал големо влијание што решил да го прифати овој проект, снимен според истоимениот стрип лик на Марвел.

„Мојот син е огромен фан на Веном и тоа беше причината што избрав да го играм ликот. Сакав да снимим нешто што тој ќе го гледа. Затоа снимив филм во кој одгризувам глави на луѓе“, вели Харди.

Иако самиот Веном е антихерој, филмот ќе има друг вистински негативец и тоа ќе биде Рајот, кој има способност да влегува во други луѓе.

„Ќе има и други негативци. Планираме голем свет за оваа приказна на Веном“, изјави режисерот Рубен Флајшер.

Харди, всушност, ќе има две улоги, како вонземјанинот Веном и Еди Брок, неговото најпознато тело-домаќин.

Премиерата на „Веном“ е закажана за 5 октомври.