Кога мислиме на правење видеоигри, обично замислуваме стотици луѓе како работат во огромни студија како „Сони“ или ЕА.
Но, и независни креатори можат да прават големи игри и тоа се мали тимови, често со скромен буџет кои создаваат игри без приход од инвеститори. Некои денес популарни игри се направени дома, во дневни соби.
„Многу често оние кои сакаат да влезат во овој бизнис сакаат да направат нешто големо, како ‘Светот на Воркрафт‘ или ‘Последна фантазија‘, но за такви игри се потребни години работа и тим од стотици, ако не и илјадници луѓе. Треба да се почне од нешто помало“, вели креаторот Марк Баклер, чија игра „Изгубени светови“ треба да излезе кон крајот на годината.
Тој почнал сам и со тек на време собрал тим од сценаристи, дизајнери и програмери.
Доминик Кларк беше научник, а Том Мид уметник пред да ги здружат силите во октомври, за да ја направат својата прва видеоигра.
„Не мора да правите игра за повеќе играчи и со многу додатоци. Направете нешто забавно, некоја смешна игра со туркање топчиња наоколу. Ако продолжите да вежбате, ќе научите“, вели Кларк.
Не мора да бидете голем играч за да правите видеоигри, порачува креаторот на „СуперМарио“, Шигеру Мијамото.
„Јас преферирам да работам со луѓе кои се повеќе од гејмери, со дизајнери кои имаат повеќе интереси и вештини. Така се создава нешто ново, место да се копира нешто што веќе постои. Подобро е да се побара инспирација во културата, филмот, науката и природата“, вели Мијамото.
Независни креатори често работат во изолација, но постојат онлајн групи кои секогаш се подготвени да поддржат добри идеи. Од друга страна, шведската програма „Стуган“ одржува кампови во шума и им овозможува на креаторите да работат еден до друг.
„Правење игри не е никаква магија, тоа не е нешто што го можат само генијалци. Тешко е, но тоа е само вештина. Секој го може тоа, само треба да се научи“, додава Кларк.