ЧЕСТ МИ Е ШТО ГО ИМАМ МАЈКЛ ЏЕКСОН НА НОВИОТ АЛБУМ, ВЕЛИ ЛЕНИ КРАВИЦ

Њујорк, (Сан)

Лени Кравиц за момент ќе го врати во живот Мајкл Џексон на својот нов албум „Крената вибрација“, што ќе излезе в петок.

Пред да почине во 2009 година, кралот на попот ги снимил пратечките вокали за песната „Ниско“ и Кравиц вели дека му е чест што го има својот добар пријател на новиот, 11. по ред албум.

„Јас напишав и продуцирав една песна за него, што беше вклучена во албумот ‘Мајкл‘, објавен по неговата смрт. Кога ја пишував ‘Ниско‘, почувствував дека тоа е песна што би му одговарала на Мајкл. Додека ја снимав, цело време го слушав неговиот глас. Ги зачував снимките што ги направивме заедно и од нив го ставив неговиот вокал на ‘Ниско‘. Кога ги пеав стиховите од завршниот дел на песната, тој продолжи да ме следи. Многу е убаво и не звучи претерано. Многу луѓе не сфаќаат дека е Мајкл и мислат дека сум се обидел да звучам како него. Но, тоа е навистина тој“, вели Кравиц.

Тој додава дека 11. студиски албум покажува напредок во неговата музика.

„Возраста не ја сопира креативноста. Сè уште растам, сè уште сум млад во оваа игра. Свирев и настапував во пресрет на овој албум и не покажав знаци на запирање. Многу би сакал да можев да чујам како би звучел Мајкл денес. Тој беше најпрофесионалниот и најработлив уметник, перфекционист кој постојано бараше инспирација и креативност. И беше забавен, многу се смееше“, се присети 54-годишниот Кравиц.