Роботи базирани на вештачка интелигенција и самовозечки автомобили сега се актуелна тема, но според шефот на истражувачкиот оддел на „Гугл“, Бен Гомс, следниот голем чекор во технологијата ќе бидат говорните услуги. Тој смета дека подоброто разбирање на обичниот јазик е клучно за иднината на интернетот.
„Препознавање на говорот и разбирање на јазикот се суштината на иднината на пребарувањето и информирањето. Но, тука постојат многу големи проблеми, како разбирањето како функционираат референци и на што се однесуваат тој, таа и тоа во една реченица. Тука зборуваме за милиони проблеми што треба да се решат во еден јазик“, вели Гомс.
„Гугл“ денеска го слави својот 20. роденден, а пред седум години ја лансираше првата едноставна алатка за гласовно препознавање, чија поусовршена верзија денес е вклучена во милијарди смартфони. Но, обидите на „Гугл“ да разбира јазици не се нови и компанијата почна да прави исправки во спелувањето уште во 2000 година.
„Многу јазици од земјите во развој никогаш немаа обични тастатури. Јас го учев хинду јазикот десет години, но не би знаел да го пишувам. Затоа употребата на говорот е полесна од пишувањето“, вели Гомс.