ТАПАНАРОТ НА „СИГУР РОС“ ГО НАПУШТИ БЕНДОТ ОТКАКО ГО ОБВИНИЈА ЗА СИЛУВАЊЕ

Рејкјавик, (Гардијан)

Тапанарот Ори Пал Дирасон го напушти популарниот исландски пост-рок бенд „Сигур рос“, откако беше обвинет за силување на еден фан.

Меган Бојд на Инстаграм го обвини Дирасон за нападот што се случил во јануари 2013 година, откако се запознале во ноќен клуб во Лос Анџелес.

„Заспавме во ист кревет и тој ме силуваше додека сум била во длабок сон. Се случи двапати таа ноќ и се прашував зошто не си заминав по првиот пат. Но, бев пијана, мртва уморна и во шок. Тој подоцна се обиде да ме замолчи“, напиша Бојд.

Дирасон, кој му се придружи на бендот на третиот албум, ги негираше обвинувањата.

„Ќе сторам сè што е во мојата моќ за да излезам од оваа ноќна мора, но од респект кон вистинските жртви на сексуално насилство, нема да ја водам борбата јавно. Затоа решив да ги напуштам ‘Сигур рос‘ и тоа беше тешка одлука за мене, затоа што оставам една прекрасна работа“, изјави Дирасон.