Роман Полански го најави првиот филм откако беше исклучен од Американската академија за филмска уметност и наука (АМПАС) во 2018 година поради стари обвинувања за силување. Според „Вараети“, новиот филм на Полански ќе се вика „Палата“, а коавтор на сценариото е полскиот филмаџија Јержи Сколимовски.

Драмата „Палата“ се случува на новогодишната ноќ во 1999 година, а дејството е сместено во голем хотел во швајцарските Алпи, каде што се испреплетуваат животите на гостите и вработените.

„Знаеме дека Полански го следат контроверзи, но ние сме заинтересирани за уметничката страна, за квалитетот на приказната, не личната приказна“, изјави Паоло дел Броко, извршниот директор на „РАИ синема“, кој ќе го поддржи проектот.

Полански беше исфрлен од АМПАС поради „нарушување на стандардите на однесување на организацијата“ и потоа ја изгуби судската тужба за враќање во членството. За својот последен филм „Офицер и шпион“ го освои европскиот оскар за најдобар режисер.