ПОЛСКИТЕ ВИРТУОЗИ МАРИУШ ПАТИРА И РАДОСЛАВ КУРЕК НАСТАПИЈА ВО СКОПЈЕ ВО РАМКИТЕ НА ОХРИДСКО ЛЕТО

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)
Полскиот виртуоз на виолина Мариуш Патира и истакнатиот пијанист Радослав Курек синоќа (17 ноември) одржаа концерт во Камерната сала на Филхармонијата во организација на Охридско лето, како дел од концертната програма надвор од редовната фестивалска сезона.

 

Двајцата уметници ѝ приредија на публиката впечатлива музичка вечер. На програмата беа дела од различни стилски периоди, преку кои дојдоа до израз нивните виртуозност и уметничка интерпретација.

Патира е добитник на главната награда на престижниот меѓународен виолински натпревар „Николо Паганини“ во 2001 и настапувал во Европа, Јапонија, САД и Мексико. Курек е наградуван пијанист и камерен музичар, со богата меѓународна кариера и настапи во Европа, Америка, Азија и Африка.

 

Концертот се одржа со поддршка на Амбасадата на Полска во Скопје, а влезот беше бесплатен.

 

Со овој настап, Охридско лето ја продолжи концертната дејност надвор од редовната фестивалска сезона, традиција започната минатата година. Следниот концерт е закажан за 4 декември во Музејот на македонската борба за самостојност, каде што ќе настапат корејско-американската сопранистка Јуна Ли и пијанистот Кенет Клецјен.