„Мекларен“ го претстави она што го нарече ултимативно друмско возило, хибрид чие секое делче е дизајнирано со брзина и аеродинамика во мислите.
„Спидтеил“ може да постигне брзина од 400 километри на час, а до 300 километри забрзува за неверојатни 12,8 секунди, шест секунди побрзо од „мекларен П1“. За тоа е заслужен хибриден мотор од 1.035 коњски сили.
Како и во Ф-1 болидот на Мекларен, возачот седи во средината на автомобилот, а двете совозачки места се поставени странично и малку позади.
Контролната табла е опремена со два екрани на допир во висока резолуција, додека надворешните ретровизори се заменети со дигитални камери.
„‘Мекларен‘ никогаш досега не направил возило како ‘спидтеил‘. Ова е ултимативното друмско возило на компанијата: спој на уметност и наука, кои се комбинираат со неверојатната максимална брзина и со култната централна позиција за возење“, изјави извршниот директор на „Мекларен“, Мајк Флуит.
Компанијата ќе направи само 106 примероци од автомобилот, секој со цена од 1,75 милиони фунти. Испораката ќе почне во 2020 година.