Клое Грејс Морец и Џек О‘Донел ќе бидат новата филмска верзија на легендарните одметници Бони и Клајд во филмот на Шпанецот Кике Маиљо, насловен „Љубовта е оружје“.
Приказната сместена во 30-ите години од минатиот век ќе се базира врз книгата на Џеф Гин, „Тие паднаа заедно: вистинската, нераскажана приказна за Бони и Клајд“, а во сценарио ќе ја претвори Шелдон Тарнер. Продукцијата ќе почне во почетокот на наредната година.
Ова се смета за храбар потег, имајќи предвид дека темата немала филмска адаптација од 1967 година, кога Феј Данавеј и Ворен Бити им обезбедија бесмртност на ликовите на Бони и Клајд во филмот на Артур Пен.
„Возбудени сме што повторно ќе ја претставиме приказната за Бони и Клајд. Иако таа остана сеприсутна во глобалната популарна култура, малкумина од новите генерации знаат детали за нивната љубовна врска и за околностите што довеле до тоа да станат озлогласени криминалци“, се вели во соопштението на продукцискиот тим.