ДЕГУСТАЦИИ И КУЛИНАРСКИ РАБОТИЛНИЦИ НА „СЛОУ ФУД“ САЛОНОТ ВО СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ.СДК.МК)

Петтото издание на Слоу Фуд салонот ќе се одржи на 28 ноември, од 11 до 20 часот, во хотелот „Континентал“ во Скопје. Покрај продажната изложба на домашни прехранбени производи, програмата вклучува дегустации, кулинарски работилници, мастер-класови и панел-дискусии.

Производителите од локалните заедници на „Слоу Фуд Македонија“ ќе понудат млечни и сувомесни специјалитети, зимница, домашни сокови, производи од тартуфи, мед, маџун, маслиново масло, слатка и џемови, кои посетителите ќе можат да ги дегустираат.

Најавени се мастер-класови посветени на вината наградени на светските вински натпревари во 2026 година, на пивските стилови и дестилатите, како и презентација на коктели подготвени со пијалаци од локални производители.

Во рамките на Школата за одржлива гастрономија ќе бидат демонстрирани техники за подготовка на леб од кисело тесто и производство на сирење со природно сирило.

Ќе се одржат и три панел-дискусии посветени на здравата детска исхрана, традиционалните обичаи поврзани со храната и решенијата за справување со вишокот храна, како и семинар за младински активизам.

Посетителите ќе можат да се запознаат со работата на Слоу Фуд фармите, а во посебен интерактивен простор ќе можат да споделат свои омилени рецепти. За децата е предвидено катче со едукативни игри под наслов „Не лути се, полжавче“.

Настанот го организираат Слоу Фуд Водно и Слоу Фуд Македонија.