Фестивалот на европски филм Синедејс ќе добие носталгичен тон денеска, бидејќи денешната програма вклучува и вечер посветена на еден од најомилените југословенски бендови „Екатерина Велика“, насловена „Сеќавање на ЕКВ и Милан“.
Освен што ќе се прикаже краткиот документарен филм за покојниот фронтмен Милан Младеновиќ „Момчето од водата“ во режија на Марко Новчиќ, во Денсинг салата на Младински културен центар од 23 часот ќе настапи и трибјут бендот „Деца из воде“, на кој на сцената ќе му се придружи и специјален гостин.
Срѓан Жика Тодоровиќ е култно име на белградската и на српската уметничка сцена, кој пред да се прослави како актер, свиреше тапани во „Екатерина Велика“, како дел од нејзината легендарна постава. Тодоровиќ сними два албума со бендот, од неговиот најуспешен период, и по долги години, вечерва повторно ќе засвири дел од репертоарот на ЕКВ.
„Деца од воде“ е проект на четворица искусни музичари, формиран пред три години.
Во филмскиот дел од програмата, во кино Милениум ќе бидат прикажани „Фаворитката“ на Јоргос Лантимос (20 часот) и „Догмен“ од Матео Гароне (22.30), а во кино Фросина играат „Полицајци“ (19 ч.), краткиот македонски филм „Сонот за крвта и душата“ во режија на Игор Алексов (21 ч.) и „Хаотичниот живот на Нада Кадиќ“ (21.30 ч.).