Сондата „Инсајт“ успешно го постави својот прв инструмент на површината на Марс, комплетирајќи важна задача од својата мисија, што, како што велат од НАСА, ќе овозможи да се ослушне планетата.
„Активностите на ‘Инсајт‘ се одвиваат подобро отколку што очекувавме. Безбедното поставување на сеизмометарот на површината е прекрасен божиќен подарок“, изјави главниот менаџер на проектот Том Хофман.
„Инсајт“ без проблеми се спушти на површината на Марс на 26 ноември и веднаш почна да ги извршува своите функции, но научниците не очекуваат први конкретни резултати уште најмалку една година.
„Поставувањето на сеизмометарот е важно како и самото спуштање на ‘Инсајт‘. Тој е неговиот инструмент со највисок приоритет и потребен ни е за спроведување на три четвртини од нашите научни истражувања“, вели шефот на истражувачкиот тим Брус Банерт.
Со него, научниците ќе можат да ги следат движењата во внатрешноста на Марс, таканаречените марсотреси, кои како сијалици ја осветлуваат неговата внатрешна структура.
„Ова е како да држите телефонска слушалка на уво, ќе го слушаме како дише“, појасни Банерт.