Брајан Сингер, кој поради холивудските правила остана запишан како режисер на „Боемска рапсодија“, иако доби отказ при крајот на снимањето, се заблагодари на социјалните мрежи, откако никој не го спомна на доделувањето на Златните глобуси.
„Боемска рапсодија“ беше прогласен за најдобар филм/драма, а главната ѕвезда Рами Малек за најдобар актер, но Сингер не само што не беше во салата, туку беше целосно игнориран кога се примаа наградите.
„Каква чест! Ви благодарам“, напиша Сингер на Инстаграм, проследено со фотографија од сетот.
Тој беше отпуштен пред да заврши снимањето и заменет со Декстер Флечер поради, како што објавија продуцентите, низа необјаснети изостаноци, но се шпекулираше дека главниот повод е конфликтот со Малек.
Сингер претходно се соочи со неколку обвинувања за сексуален напад, што вклучуваше и малолетници.