„Блек Пантер“ е прогласен за најдобар филм на синоќешното, 25. доделување на наградите на Здружението на филмски актери (САГ) во Лос Анџелес.
Филмот на „Марвел“ со доминантно црномурест кастинг, кој беше хит на светските кино благајани, се смета за пресвртна точка во холивудската кинематографија и може да влезе во историјата ако го повтори успехот на Оскарите следниот месец.
Во моќниот говор покрај колегите Мајкл Б. Џордан, Лупита Нјонго и Данаи Гурира, главниот актер Чедвик Боузман рече:
„Сите ние овде на сцената знаеме како е да ви кажат дека нема место за вас во филм, иако сте млади и талентирани“.
„Блек Пантер“ ги победи филмовите „Црниот член на Кју-Клукс-Клан“, „Откачени богати Азијци“, „Боемска рапсодија“ и „Ѕвезда е родена“.
Рами Малек и Глен Клоуз се најдобри актери, а Емили Блант и Махершала Али се наградени за најдобри споредни улоги.