ЧЕТКА ЗА ТОАЛЕТНА ШКОЛКА И ПРОИЗВОДИ ОД КАНАБИС – БОГАТИ ПОДАРОЦИ ЗА СИТЕ НОМИНИРАНИ ЗА ОСКАР

Лос Анџелес, (Гардијан)

Забен конец, вештачки трепки, козметика на база на канабис и четка за тоалетна школка се меѓу подароците што ги очекуваат сите номинирани за оскар оваа година, пакет што секогаш се очекува со голем интерес во Холивуд во пресрет на церемонијата на доделувањето.

Во торбата, чија вредност се проценува дека е шестцифрена, вообичаено доминираат третмани и препарати за убавина и така е и оваа година, но новина е што најголем дел од нив се на база на канабис, кој од последното доделување беше легализиран во Калифорнија. Покрај козметика, Леди Гага и друштвото ќе добијат и членство во калифорниски друштвен клуб за пријатели на марихуаната.

Веројатно највредниот подарок е луксузен одмор со мал брод, при што во понуда се четири дестинации, меѓу кои и Исланд и Галапагос. На другиот крај на гламурот е четка за тоалетна школка во форма на емоџи која свети во темница. Наречена Мистер Пуп, таа од производителите е опишана како „лош производ кој навистина функционира“.

Сите 24 категории ќе бидат прикажани во преносот што овојпат ќе трае само три часа, а церемонијата ќе ја отвори групата „Квин“ со Адам Ламберт на вокал.