ГУЛАБ ПРОДАДЕН ЗА РЕКОРДНИ 1,25 МИЛИОНИ ЕВРА

Брисел, (Гардијан)

Тркачки гулаб е продаден за светски рекорд од 1,25 милиони евра, откако овој спорт стана многу популарен меѓу кинеската елита.

Јоел Ферсхот, 63-годишник од белгискиот град Ингелмунстер, изјави дека неговиот Армандо е роден да биде шампион, но никогаш не очекувал дека некој ќе плати толкава сума за него.

„Двајца Кинези ми кажаа дека го сакаат Армандо по секоја цена. Сепак, ова не го очекував. Ова е круна на сите мои години работа со гулаби“, кажа Ферсхот.

Онлајн аукцијата траела две недели и во последните моменти, анонимен учесник ја покачил својата понуда за 100.000 евра, пред да биде победен за дополнителни 2.000. Конечната понуда изнесувала 1.252.000 евра, со што бил надминат рекордот од 2017 година, кога кинески бизнисмен платил 400.000 евра за гулаб.

Ферсхот вели дека 12 часа дневно работи со своите 500 гулаби и на сите им го знае името. Пет години стариот Армандо го нарекуваат „Луис Хамилтон на гулабите“, откако беше најдобар во Белгија во последните две години.