ДЕСНАТА РАКА НА КЕВИН СПЕЈСИ ВО „КУЌА ОД КАРТИ“ ЌЕ ДОБИЕ СВОЈА СЕРИЈА

Лос Анџелес, (АП)

„Нетфликс“ ги разочара фановите кога објави дека ја откажува својата најуспешна серија „Куќа од карти“, само ден откако главната ѕвезда Кевин Спејси беше поврзан со случај на сексуално вознемирување на 14-годишно момче пред повеќе од три децении.

Сепак, тоа нема да биде целосен крај за некои од најпопуларните ТВ-ликови, затоа што од „Нетфликс“ доаѓаат најави дека „Куќа од карти“ ќе добие продолжение во вид на спиноф, при што се разгледуваат повеќе опции врз што тој ќе се фокусира.

Една од можните опции е централна фигура да биде Даг Стемпер, кој во „Куќа од карти“ е маестрално и морничаво одглумен од карактерниот актер Мајкл Кели.

Мистериозниот Стемпер е најверниот соработник на Френсис Андервуд (Кевин Спејси) на неговиот пат до Белата куќа, подготвен да одработи сѐ, вклучувајќи и убиство, и да се жртвува за него на кој било начин.

Финалната, шеста сезона од наградуваната серија, чиј голем фан е и поранешниот американски претседател Барак Обама, е во фаза на продукција и засега нема датум кога ќе биде пуштена во стриминг.