РИСТО САМАРЏИЕВ ЌЕ ПЕЕ СО КОКИ ЈАНКОВ НА КОНЦЕРТОТ ЗА 30 ГОДИНИ „ВИОЛИНА И ГИТАРА“ НА 14 НОЕМВРИ ВО СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Ристо Самарџиев ќе биде гостин на јубилејниот концерт на виолинистот Никола Јанков-Коки, „30 години Виолина и гитара“, на 14 ноември во Филхармонијата во Скопје.

„Со Ристо сме долгогодишни пријатели и соработици уште од нашите почетоци со Дуле. Многу ми е драго што ќе пее заедно со мене на концертот. Тој со задоволство ја прифати поканата“, вели Јанков.

Концертот почнува во 20 часот, а билетите се пуштени во продажба преку „Купи карта“.

Јубилејниот концерт е по повод 30 години од „Виолина и гитара“, песната со која Дуле и Коки победија на „Макфест“ во 1996 и станаа едно од најпопуларните музички дуа во Македонија. На концертот Коки ќе ги изведе песните што ги создаваше и свиреше со Душан Љубисављевиќ-Дуле и кои останаа препознатлив дел од нивната заедничка кариера.

Ристо Самарџиев (Фото: К. Попов)

Дуле почина на 23 септември 2013. Коки и по неговата смрт продолжи да ги негува песните што ги снимаа заедно, а во 2023 одржа концерт во негова чест во Домот на млади во Штип.

Годинава Јанков го објави и двојниот албум „Навикни на промени“, со 20 нови верзии на песни што ги свиреше со дуото „Дуле и Коки“ и со групата „Тајфата“. Песните ги промовираше со видеоспотови снимени во Велешкиот театар, а проектот го заокружи во мај со „Еден пат за еден живот“ и „Едно мирно топло лето“.

 

М. ЏАРОВСКА