АНОНИМНАТА ЕМА КОРИН ЌЕ ЈА ИГРА ЛЕДИ ДИ ВО „КРУНА“

Лондон, (Би-Би-Си)

Дебитантката Ема Корин е избрана да ја игра принцезата Дијана во четвртата сезона на хит-серијата „Круна“, објави „Нетфликс“, додавајќи дека снимањето ќе почне подоцна оваа година.

„Многу сум возбудена што ѝ се придружувам на екипата. Принцезата Дијана беше икона и нејзиното влијание на светот останува длабоко и инспирирачко“, изјави Корин.

Питер Морган, креаторот на серијата за животот на кралицата Елизабета Втора, ја опиша Корин како „брилијантен талент“. Младата Корин неодамна го доврши својот прв филм и „Круна“ ќе ѝ биде прв позначаен ангажман во кариерата.

Серијата од третата сезона добива сосема нова актерска постава, па улогата на Елизабета Втора ја презема оскаровката Оливија Колман. Третата сезона доаѓа кон крајот на 2019.