Компанијата „Плејбој“ ги одложи плановите за снимање на биографски филм за Хју Хефнер, откако режисерот Брет Ратнер беше обвинет за сексуално вознемирување.
Покрај скандалот со Ратнер, се огласија и претставниците на Џеред Лито, кои соопштија дека тој никогаш не требало да глуми во овој филм.
По продуцентот Харви Вајнстин и глумецот Кевин Спејси, Ратнер е уште едно познато име од Холивуд, кое беше поврзано со скандал на сексуално вознемирување. Детали за своите непријатни искуства со Ратнер открија Оливија Мун, Наташа Хенстриџ и уште четири актерки, по што „Плејбој“ објави дека го става во мирување филмскиот проект за неодамна починатиот Хефнер.
„Ние сме длабоко вознемирени, откако дознавме за обвинувањата против Ратнер. Ние сметаме дека таквото однесување е целосно неприфатливо и затоа ги ставаме во мирување нашите заеднички проекти“, соопшти „Плејбој“.
Освен тоа, филмот остана и без својот планиран главен глумец.
„Џеред Лито никогаш не бил контактиран за филмот за Хју Хефнер, што треба да го режира Брет Ратнер, ниту тој ќе работи со него во иднина. Претходните информации беа неточни и непотврдени од нас“, изјави претставникот на Лито.