ЏОРЏ КЛУНИ ПО 22 ГОДИНИ СЕ ВРАТИ НА ТЕЛЕВИЗИЈА СО НОВАТА ВЕРЗИЈА НА „КВАКА 22“

Лос Анџелес, (Ројтерс)

Дваесет и две години откако ја напушти серијата „Итна служба“, Џорџ Клуни се враќа на телевизија во новата адаптација на популарниот роман на Џозеф Хелер, „Квака 22“. Тој вели дека сложеноста на романот била идеална за серија од шест епизоди.

Освен што глуми, оскаровецот Клуни е извршен продуцент на комичната драма на „Хулу“ и режираше две епизоди.

„Ова беше позабавен начин да се раскаже оваа приказна. Тешко е да се раскаже вака сложена приказна во двочасовен филм“, изјави Клуни на премиерата во Лос Анџелес.

Според романот на Хелер од 1961 година е снимен филм во 1970 и во него се зборува за воениот пилот Џон Јосаријан, кој се обидува да добие потврда дека е луд, со цел веќе да не оди во летечки мисии за време на Втората светска војна.

Во новата серија, Јосаријан го игра Кристофер Абот, додека Клуни е тренинг-командирот Шајскопф.