ПРВ ОФИЦИЈАЛЕН ДОКУМЕНТАРЕН ФИЛМ ЗА ШУМАХЕР ИЗЛЕГУВА ВО ДЕКЕМВРИ

Берлин, (Гардијан)

Драматичниот живот на Михаел Шумахер ќе биде раскажан во долгометражен документарен филм, што е опишан како посвета за него од неговите семејство и пријатели. Насловен „Шумахер“, тој ќе го следи животниот пат на седумкратниот Формула 1 шампион од неговите почетоци како картинг возач до скијачката несреќа пред пет години, која го остави во тешка состојба.

Филмот треба да излезе во германските и швајцарските киносали на 5 декември, а лиценците за пошироко меѓународно прикажување, вклучувајќи ги и стриминг сервисите, ќе бидат понудени на претстојниот Кански фестивал, кадешто ќе биде објавен и прв трејлер.

За разлика од претходните филмови за Шумахер, овој ја има целосната поддршка од неговото семејство, вклучувајќи ги и сопругата Корина и нивните две деца. Германските медиуми објавија дека тие тесно соработувале со наградуваните филмаџии Михаел Вајх и Ханс-Бруно Камертенс, а интервјуиран е и 73-годишниот татко на Шумахер, Ролф.

Се очекува во филмот да бидат вклучени и сцени од прославата на 50. роденден на Шумахер, но се верува дека тој, сепак, нема да ја открие неговата вистинска состојба, за којашто семејството досега ниту еднаш се нема огласено.