Документарниот филм „Oasis: Don’t Look Back in Anger“, кој ги следи повратничката турнеја на „Оејзис“ и повторното обединување на браќата Лијам и Ноел Галагер, ќе биде достапен на стриминг-платформата „Дизни+“ од 9 октомври.
Во документарецот се вклучени и досега необјавени снимки од заедничко интервју на браќата Галагер, како и целосни концертни изведби на хитовите „Wonderwall“ и „Slide Away“.
Браќата Галагер, чиј бурен однос со години беше во центарот на вниманието на музичката јавност, повторно застанаа на иста сцена во 2025, по 16 години разделба. Нивната повратничка турнеја започна во Кардиф во јули 2025 и предизвика огромен интерес. Билетите за концертите се распродаваа за кратко време, а враќањето на бендот беше проследено со големо медиумско внимание.
Групата се распадна во 2009 по жестока расправија помеѓу браќата непосредно пред настапот на фестивал во Париз. Оттогаш, двајцата продолжија со одделни музички кариери, а нивните јавни несогласувања ги намалуваа надежите дека повторно ќе настапуваат заедно.