ЏЕЈ-ЗИ ПРОГЛАСЕН ЗА ПРВ ХИП ХОП МИЛИЈАРДЕР

Њујорк, (Би-Би-Си)

Џеј-Зи и официјално стана првиот хип хоп милијардер, откако изгради империја заснована на музика, недвижнини, имот и инвестиции, објави „Форбс“.

Американскиот магазин проценува дека неговото богатство сега изнесува една милијарда долари. Оттаму велат дека сопругот на Бијонсе успеал затоа што изградил свои брендови.

Џеј-Зи (49) е роден и пораснал како Шон Картер во една од најозлогласените области во Њујорк. Својот дебитантски албум го објави во 1996 година, додека албумот од 2001 „Отпечаток“ (The Blueprint) беше вклучен во Националниот музички регистар на Конгресната библиотека, откако беше прогласен за „културно, историски и естетски значаен“.

Меѓу она што го поседува се издвојуваат:

  • музички каталог од 75 милиони долари
  • акции во брендот шампањско „Арман де Брињак“ и во коњакот „Д‘Усе“, заедно вредни 410 милиони долари
  • акции во „Убер“ од 70 милиони долари
  • акции во музичкиот стриминг сервис „Тајдл“ од 100 милиони долари
  • уметничка колекција од 50 милиони долари.

Исто така, богатството на неговата сопруга Бијонсе е проценето на 335 милиони долари, што значи дека тие заедно се милијардери веќе неколку години.