СТИЛОТ НА МАРИЈА ШАРАПОВА СЕ ЧУВСТВУВА ВО СЕКОЈ МЕТАР ОД НЕЈЗИНИОТ ДОМ ВО ЛОС АНЏЕЛЕС

Лос Анџелес, (Пипл)

Секој што работел со Марија Шарапова на дизајнирањето, изградбата и уредувањето на нејзиниот дом во Лос Анџелес вели дека таа од старт имала јасна визија како сака тој да изгледа и дека нејзините дух и стил се присутни во секој агол од имотот.

„Бев опседната со процесот на правење на домот. На враќање од турнир, директно од авион би одела на местото на изградбата или во канцеларијата на архитектот. Ова беше мој проект и сакав да бидам вклучена во секој дел од него“, вели Шарапова, која ги отвори вратите на својот дом за магазинот „Architecturaldigest“.

Шарапова вели дека куќата е направена токму според нејзините желби

Уште од мала на спортските терени, можеби звучи чудно дека таа има само 32 години. Маша имаше само 18 години кога изби на првото место на ВТА-листата и денес е еден од само десет играчи кои ги имаат освоено сите четири гренд слем турнири.

„Работната етика на Марија е неверојатна. Таа е посветена како никој и беше вклучена во секој аспект од куќата, во најмалите детали“, вели архитектот Грент Киркпатрик, кој го надгледуваше проектот.

Трикатната куќа е сместена на косина со широк поглед кон океанот од Палос Вердес до Малибу, со островот Каталина во далечина.

„Бев инспирирана од јапонската архитектура и од минималистичка естетика. Јас не пораснав со многу работи околу мене. За мене, пространост значи здраво. Ако не користиш нешто, тоа не ти ни треба“, додаде Шарапова.

Централен дел на куќата е просторот кој во едно спојува базен, градина и голема соба, за да се добие еден голем надворешно/внатрешен простор. Внатрешноста е опремена со антиквитети од Азија, Африка и Европа.

„Сум патувала низ цел свет и сум видела неверојатни места, но мојот дом ми е апсолутен фаворит“, вели Русинката.