Новиот филм на Квентин Тарантино, „Беше еднаш во… Холивуд“, од задутре ќе почне да се прикажува во киносалите низ светот, но на завчерашната премиера во Лос Анџелес недостигаше еден член на екипата.
Овој филм беше последен проект на Лук Пери, кој почина по мозочен удар во почетокот на март и Леонардо ДиКаприо призна дека бил воодушевен кога добил можност да работи со него, имајќи предвид дека пораснал со серијата „Беверли Хилс 90210“.
„Пораснав со оваа серија и тој беше најкул лик на планетата. Затоа, кога бевме заедно на сетот, искрено бев воодушевен од неговото присуство. Знаевме да седнеме и да си правиме муабет. Тој не можеше да биде поневеројатно човечко суштество. Тоа е навистина трагична загуба“, изјави ДиКаприо.
Во пресрет на почетокот на прикажувањето на филмот, во Лос Анџелес осамна билборд со ликот на Пери.
„Татко ми беше многу возбуден за овој филм. Тоа навистина го живна и му даде нов поттик. Ми кажа: ‘И ако веќе ништо не работам после ова, ќе бидам среќен‘“, изјави синот на Пери, Џек.