30 ДЕНА ПРИТВОР ЗА КАТИЦА ЈАНЕВА ЗА СЛУЧАЈОТ „РЕКЕТ“, ДОБИЛА МЕБЕЛ ОД 5.000 ЕВРА ЗА ДА МУ ПОМОГНЕ НА КАМЧЕВ ВО ИСТРАГА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Специјалната обвинителка Катица Јанева доби 30 дена притвор откако денеска беше уапсена во својот дом во Скопје по налог на шефицата на Обвинителството за организиран криминал и корупција Вилма Рускоска. Таа се сомничи за злоупотреба на службената положба и овластувањата во врска со случајот „Рекет“, во кој претходно се уапсени бизнисмените Бојан Јовановски-Боки 13 и Зоран Милевски-Кичеец.

  • Катица Јанева поднесе оставка на својата функција на 15 јули, истиот ден кога на граничниот премин Богородица се уапсени Јовановски и Милевски, обвинети дека тргувале со влијание и убедувале луѓе кои се дел од истражна постапка дека имаат моќ кај јавен обвинител, за што зеле 1,5 милиони евра.
  • Истиот ден, на Јанева ѝ беше одземен телефонот за да се утврди евентуална комуникација со Боки 13.
  • Во разговорите помеѓу Боки 13 и Орце Камчев, што ги објави италијанскиот весник „Ла Верита“, се слуша и гласот на Јанева и таа потоа кажа дека преку посредник преговарала со Камчев да биде сведок во нова предистрага на нејзиното обвинителство.
  • Јанева вчера беше на распит во Обвинителството за организиран криминал и корупција како повикано лице во истрагата „Рекет“.
  • По денешното апсење, обвинителката Рускоска изјави дека уште при почнувањето истрага против Јовановски и Милевски имало основани сомневања дека Јанева ги злоупотребила службената положба и овластувањата.
  • Државниот обвинител Љубомир Јовески кажа дека Јанева за себе и за други лица прибавила значителна имотна корист за да му ја олесни состојбата на Камчев, осомничен во случајот „Империја“.
  • Јанева добила мебел во вредност од 5.000 евра откако средила Камчев да оди во куќен притвор и да му биде вратен пасошот.
  • Полицијата го заплени мебелот од домот на Јанева, како и нејзиниот компјутер од канцеларијата во СЈО.
  • На барање на Рускоска, Јанева вечерва доби 30 дена притвор како третоосомничена во случајот „Рекет“ и веднаш од Кривичниот суд беше испратена во истражниот затвор во Шутка.