БИТОЛЧАНИ ГИ РАЗГРАБАА БИЛЕТИТЕ ЗА 11. ФЕСТИВАЛ „МУЗИКА ОД СВЕТОТ“

Битола, (СМАРТ СДК.МК)

За рекордно време се продадени речиси сите билети за 11. издание на фестивалот „Музика од светот“, што од денеска до недела ќе се одржува во Центарот за култура во Битола.

Вечерва од 20 часот е концертот „Танго” на финската уметница Хели Сиекинен, која свири на хармоника и бандеон, а утре на програмата е концертот „Океан” на балканската музичка ѕвезда Јелена Томашевиќ, распродаден за пет часа, и тоа преку системот за резервација. Тие ќе бидат придружувани од Камерниот оркестар од Битола.

Фестивалот завршува в недела со настапот „Вулкан” на „Џамбо Агушеви оркестар“ и битолскиот кларинетист Благојче Трајковски.

Сиекинен и Томашевиќ денеска во Битола засадија дрвца пред Центарот за култура, заедно со директорката Маја Андоновска-Илијевски.

„Ова не ми е првпат да сум во Битола. Уживав и минатата, а и годината претходно во овој прекрасен град“, рече Сиекинен.

Томашевиќ, пак, првпат ќе настапи во Битола.

„Многу сум благодарна што во рекордно време се продадоа картите. Што побрзо ќе се вратам со нов концерт во Битола. Задоволството е големо што ќе пеам со Камерниот оркестар. Имавме проба и звучевме божествено“, рече Томашевиќ.

Ж. ЗДРАВКОВСКА