Доналд Трамп го исмеваше својот противкандидат од редовите на републиканците, Марко Рубио, што зема паузи за пиење вода и сега тоа му се врати како бумеранг.
Тој првпат им се обрати на новинарите во Белата куќа откако се врати од двонеделната турнеја по Азија и ожедна кога почна да зборува за потпишаните договори со јапонските компании, вредни милијарди долари.
„Што, немаат вода овдека? Нема врска“, кажа Трамп, откако не можеше да ја најде водата покрај говорницата, по што му посочија каде стои шишето.
Во текот на своето обраќање, тој направи две паузи за вода, токму она за што го зафркаваше Рубио за време на ланската кампања.
„Се сеќавате која катастрофа беше тоа кога Рубио требаше да го демантира Обама? Тој изгледаше како некој што се гуши, ‘ми треба вода, помогнете ми, ми треба вода‘. Неверојатно! Барем да пиеше од чаша, место од шише“, го имитираше Трамп Рубио во едно ТВ-гостување.