ПРОФЕСОРКИ ОД ФМУ ВО СКОПЈЕ НАСТАПИЈА НА КОНЦЕРТ ВО КИНА СО ДЕЛА ОД МАКЕДОНСКИ КОМПОЗИТОРИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Македонски и кинески музичари настапија на концертот „Музиката нè поврзува“, кој се одржа во концертната сала на Институтот за технологија во Сјамен, Кина. Централно место на концертот имаа пијанистките Елена Атанасовска-Ивановска и Марија Вршкова, професорки на Факултетот за музичка уметност (ФМУ) во Скопје.

На програмата беа вокални и инструментални дела од македонските композитори Дарија Андовска и Горан Начевски, кинеските композитори Жао Џипинг и Сјен Сингхај, како и дела од Моцарт, Доницети, Пучини, Леонкавало, Респиги и Гуаставино.

Вршкова и Атанасовска-Ивановска одржаа и мастеркласови по пијано, Соња Здравкова-Џепароска имаше предавање за сценски движења, а Андовска одржа предавање на тема „(Зошто) сè уште имаме потреба да создаваме нова музика?“. Сите четири професорки беа именувани за почесни уметници на кинескиот институт.

Во рамките на посетата, ФМУ и Институтот за технологија во Сјамен потпишаа меморандум за соработка, кој предвидува размена на студенти и професори и реализација на заеднички концерти и образовни и научноистражувачки проекти.

Гостувањето во Кина, поддржано од кинеската амбасада во Македонија, продолжува во Пекинг со посети на музички и образовни институции.