АРХЕОЛОШКИ МУЗЕЈ СО ИЗЛОЖБА ЗА ЖИВОТОТ НА ПАЈОНСКИТЕ ЗАЕДНИЦИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Денеска во 13 часот во Археолошкиот музеј ќе се отвори изложбата „Статусни симболи кај пајонските заедници”.

Изложбата е приказ на пет богати женски погребувања од некрополите Лисичин Дол и Милци, кои по своите карактеристики се издвојуваат од останатите погребувања во населбата. Тие се во изворна состојба, добро зачувани и прикажуваат нови типови религиозни комплети од групата на т.н. „македонски пајонски бронзи”.

„Самата појава на предмети од типот на ’македонски пајонски бронзи’ ги издвојува со нивниот статус што го имале во заедницата. Сите елементи од изложбата отвораат и нови прашања за карактерот и животот на пајонските заедници во железното време“, велат од Музејот.

Изложбата се организира во соработка со Музеј Гевгелија и ќе биде отворена до март.