Со премиерата на претставата „Натан мудриот“ од Готхолд Ефраим Лесинг, во режија на Сулејман Рушити, синоќа почна со работа Гостиварскиот театар.
„Театарот е храм на јазикот и културата и ако не го поддржуваме, стануваме странци во сопствената душа. Тој е место каде што се спроведува мисијата за расветлување на природата на човекот, неговите желби, одлуки, внатрешни и општествени соочувања во борбата за подуховен и поправеден свет и место за најискрен дијалог со публиката“, кажа министерот за култура Исмаили.
Во претставата се говори на албански, македонски и турски јазик со цел и јазично да се пренесе атмосферата на мултиетничкото и мултикултурно општество на тогашниот Ерусалим, но, како што велат од Министерството за култура, и универзалната и безвременска вредност на хуманото дело на Лесинг.
Во претставата играат Висар Вишка, Шеќерие Илјази, Дритон Лазами, Ариан Ејупи, Ајше Усеини, Сенад Абдули, Береда Решит, Елмир Сејфулаи и Вјолца Бафтиу-Зилбехари. Сценографијата е на Арѓент Караи, костимите се дело на Инес Голја, а музиката во живо ја изведоа Аднан Алиу (кавал) и Драган Матески (тапани).