ОДВОЕН ЗАЕДНИЧКИ ЖИВОТ Е РАСТЕЧКИ ТРЕНД КОЈ ЈА НАГЛАСУВА ИНДИВИДУАЛНОСТА

Лос Анџелес, (Гардијан)

Американската актерка Џилијан Андерсон вели дека нејзината врска со авторот на серијата „Круна“ Питер Морган има многу придобивки од тоа што тие не живеат заедно.

Андерсон е дел од растечкиот тренд на „одвоено живеење заедно“ (living apart together – ЛАТ) и вели дека заедничкиот живот би ѝ ја уништил врската.

„Мојот партнер и јас не живееме заедно. Доколку живеевме, тоа би бил крај за нас. Добро функционираме вака како што е, а моментите кога сме заедно така стануваат уште попосебни“, кажа ѕвездата на сериите „Досиеја икс“, „Сексуално образование“ и „Ханибал“.

Таа смета дека денес постои нова креативност во поглед на тоа како би требала да изгледа една врска.

„Во овие околности, ако видам машки панталони фрлени на земја во куќата на мојот партнер, можам едноставно да преминам преку нив, затоа што тоа не ме засега“, изјави Андерсон.

Психотерапевти велат дека ЛАТ на двојките им дозволува индивидуалност. Едно неодамнешно истражување покажа дека многу двојки покажуваат интерес да живеат во одделни домови и предвидува дека ЛАТ ќе стане нов тренд.