„ВИОЛИНСКИ КЛАСИЦИ“ – КОНЦЕРТ НА ФИЛХАРМОНИЈАТА СО АЛЕКСАНДАР ДИМЧЕВСКИ

Скопје, (САКАМДАКАЖАМ.МК)

„Виолински класици“ е насловен вечерашниот концерт на Филхармонијата, од 20 часот, со виолинистот Александар Димчевски. Ќе диригира Румон Гамба од Велика Британија.

На програмата се увертирата „Земја на планина и поплава“ од Хамиш Меккан, Концертот за виолина и оркестар од Макс Брух и Симфонијата број 7 од Антонин Дворжак.

Виолинистот Димчевски се етаблира како сестран уметник, настапувајќи како солист, камерен музичар, како концерт-мајстор, но и како педагог. Роден е во Франција, во руско-македонско семејство, а виолина почнал да учи со својот татко, реномираниот уметник Благоја Димчевски, поранешен ученик на Јуриј Јанкелевич, продолжувајќи го традиционалното руско училиште за свирење на виолина. Од 2016 , Димчевски е концерт-мајстор во Унгарската државна опера, а од 2018 го води и Камерниот оркестар Хохенемс Арпеггионе. Гостин концерт-мајстор е и во оркестри во Франција, Германија и Данска, каде што, како и во Унгарија, постојано држи мастер-часови. Димчевски во моментов свири на виолина од 1754, изработена од Карло Фердинандо Ландолфи.