Том и Џери, еден од најпопуларните тандеми во историјата на телевизијата, утре слават 80 години.
На 10 февруари 1940 беше прикажан првиот во серијата кратки анимирани филмови во кои, во едноставен заплет, мачор се обидува да се справи со иритирачки глушец кој живее во неговата куќа, но најчесто самиот го извлекува подебелиот крај.
Том и Џери настанале во момент на очај на одделот за анимација на Ем-Џи-Ем, кој се мачел да одговори на успехот на други студија со ликови како Мики Маус и Душко Долгоушко. Од досада, аниматорите Бил Хана и Џо Барбера, и двајцата помлади од 30 години, почнале да развиваат свои идеи. Барбера вели дека отсекогаш му се допаѓал едноставниот концепт со мачка и глушец полн со конфликт и бркотница, иако тој веќе бил виден многу пати.
Во прв момент наречени Џаспер и Џинкс, тие дебитираа во „Puss Gets the Boots“ и тоа беше толку голем хит што освои Оскар за најдобар краток анимиран филм, но неговите автори не добиле кредит. Тоа се променило откако индустријата побарала уште.
Пораснувајќи со неми филмови, Барбера вели дека од старт знаеле дека тие ќе бидат смешни и без дијалог, при што акцијата била нагласувана со музиката на Скот Бредли, а човечките вресоци на Том ги правел Хана.
Во следните 20-ина години, Хана и Барбера ја надгледувале продукцијата на повеќе од 100 филмчиња и за секој биле потребни неколку недели работа и 50.000 долари, па затоа се правеле само неколку на година. Благодарение на богатата рачна анимација, оваа прва генерација на „Том и Џери“ се смета за најдобра и освои седум оскари.
Откако Ем-Џи-Ем во 1957 година го затворил својот оддел за анимација, Хана и Барбера основале своја продукциска куќа и за да ги намалат трошоците, тајно почнале да ги прават „Том и Џери“ во Прага. Имињата на чешкиот кадар биле американизирани на шпицата за да не бидат филмовите поврзани со комунизам.
Овие 13 цртани генерално се сметаат за најлоши, по што серијата била преземена од легендарниот Чак Џонс, кој на Том му дал позлобен изглед. Во 1970-ите, поголемиот дел од класичните епизоди веќе се сметале за пренасилни според новите стандарди, а некои и расистички поради стереотипното прикажување на црномурестата куќна помошничка.
И покрај овие застарени моменти, Том и Џери остануваат неверојатно популарни низ цел свет, а во новите верзии тие имаат далеку попријателски изглед.