МЈУЗИКЛОТ „МАЧКИ“ И „РАМБО 5“ СО НАЈМНОГУ НОМИНАЦИИ ЗА ЗЛАТНА МАЛИНА

Лос Анџелес, (Би-Би-Си)

Мјузиклот „Мачки“ доби девет номинации за Златна малина, награда со која се слави најлошото во Холивуд во изминатата година, а го следат петтиот дел на „Рамбо“ и комедијата „Семеен погреб на Медеа“ со по осум. Спротивно на традицијата, имињата на победниците ќе бидат објавени по вечерашното доделување на Оскари.

Меѓу номинираните се и неколку оскаровци, како Џуди Денч, Ен Хатавеј, Метју Меконахи и режисерот Том Хупер.

Освен овие три наслови, за најлош филм конкурираат и психолошкиот трилер „Фанатик“ со Џон Траволта во главната улога и хоророт „Прогонувањето на Шерон Тејт“.

За Златна малина за најлош актер номинирани се Меконахи, Траволта, Џејмс Франко, Силвестер Сталоне и Дејвид Харбор, а кај жените, Денч, Хатавеј, Хилари Даф, Франческа Хејворд и Ребел Вилсон.

Покрај 11-те номинации за Оскар, „Џокер“ ќе се бори и за Златна малина, и тоа во новоизмислената категорија „невнимателно непочитување на човечкиот живот и јавната сопственост“.