Американскиот претприемач и иноватор Кајл Фогт оствари неверојатен подвиг откако истрчал седум маратони на исто толку континенти за период од помалку од три и пол дена.
Триесет и четиригодишниот Фогт, кој е претседател на автомобилската компанија „Круз“ и коосновач на стриминг платформата „Твич“, изјави дека е човек кој најбрзо стапнал на сите седум континенти, откако за целиот предизвик му требале 81 час, 38 минути и 46 секунди.
„Поставен нов светски рекорд! Логистиката беше неверојатна, но сѐ добро се вклопи. Заздравувањето беше тешко, бидејќи имав помалку од четири часа одмор меѓу два континента/маратона. Време е за спиење. Ќе земам одмор од трчање барем една недела“, напиша Фогт на Твитер.
Неговата трка околу светот почнала на Антарктик, па следувале маратоните во Ушуаја (Аргентина), Панама Сити (Панама), Мадрид (Шпанија), Каиро (Египет), Мускат (Оман) и последниот во Перт (Австралија).
Тој вели дека исхрана на растителна база била клучот на неговите тренинзи и брзо заздравување и дека со помош на софтвер ги пронашол најкратките рути меѓу континенти. Во авион поминал вкупно 38,5 часови.