Македонското еколошко друштво ќе добива дополнителни сознанија за навиките на балканскиот рис откако во месноста Буковиќ во близина на Стража беше заловена нова единка од овој загрозен животински вид.
Женката била фатена со помош на кафез-замка, по што околу вратот ѝ бил ставен уред за радиотелеметриско и ГПС-следење. Тешка 15 килограми, проценето е дека е на возраст од две-три години.
„Таа засега е во добра состојба, а тоа го потврдуваат и првите лоцирања со помош на ГПС-сигнал, кои го открија и нејзиниот прв плен по обележувањето, срндак уловен пред четири-пет дена“, напиша Македонското еколошко друштво на Фејсбук.
Рисицата го доби името Нарциса и е втора женка (по Маја) на која друштвото ѝ стави уред за следење.