МУЗИЧКА „БАЈКА“ СО ВИОЛИНИСТКАТА ЈУ ОД САД И ФИЛХАРМОНИЈАТА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Американската виолинистка Естер Ју е солистка на вечерашниот концерт на Филхармонијата (20 часот), насловен „Бајка“. Диригент е Чарлс Оливиери Мунро од Малта. На програмата се Концертот за виолина и оркестар од Глазунов, симфониската поема „Кампот на Валенштајн“ од Сметана и симфониската суита „Бајка“ од Сук.

Ју, која почнала да свири на пет години, го привлече вниманието на музичката јавност во 2010 кога стана најмлад победник на интернационалниот виолински натпревар „Сибелиус“. Во 2012 беше еден од најмладите лауреати на натпреварот „Кралица Елизабета“. Од 2014 до 2106 беше „Уметник на новата генерација“ на Би-Би-Си и прв резидент уметник во Кралскиот филхармониски оркестар. Критиката ја опишува нејзината изведба како неверојатно моќна и драматична.

„Мојата баба беше пијанистка, но и целото мое семејство сакаше класична музика. Израснав слушајќи различен тип музика уште од бебе. Моите родители ме носеа на извонредни концерти во Карнеги хол и Линколн центарот уште кога имав три години. Седев мирна на овие концерти, маѓепсана од музиката и од она што се случуваше на сцена. Бев многу срамежлива како мала, па свирењето виолина ми помагаше да изразам емоции во ‘сигурна зона’“, вели Ју.