Доналд Трамп изрази незадоволство што „Паразит“ беше прогласен за најдобар филм на годинашните Оскари затоа што е јужнокорејски.
„Видовте ли колку лоши беа Оскарите оваа година? И победникот е… филм од Јужна Кореја“, кажа Трамп на митинг во Колорадо.
„Што беше тоа? Имаме доволно трговски проблеми со Јужна Кореја, зарем требаше да ѝ дадеме и Оскар за најдобар филм“, додаде тој.
„Паразит“ стана првиот филм од неанглиско говорно подрачје во 92-годишната историја на Оскарите кој беше прогласен за најдобар филм, освојувајќи вкупно четири статуетки. Но, Трамп не е импресиониран и кажа дека повеќе е заинтересиран за американски филмови од пред 70 години.
„Можеме ли да го вратиме ‘Однесено од виорот‘ или можеби ‘Булевар на самракот‘? Имаме толку многу добри филмови“, рече Трамп.
„Нион“, американскиот дистрибутер на „Паразит“, му одговори на Трамп.
„Разбирливо, тој не знае да чита“, соопшти компанијата, алудирајќи на тоа дека „Паразит“ треба да се гледа со превод.