ЕКИПАТА НА „ПРИЈАТЕЛИ“ ЌЕ СЕ ОБЕДИНИ ЗА ЕДНА СПЕЦИЈАЛНА ЕПИЗОДА

Њујорк, (Би-Би-Си)

Екипата на „Пријатели“ ќе се обедини повеќе од 15 години откако серијата заврши.

Спротивно на претходните најави, шесте актери нема да снимаат нова серија, туку тоа ќе биде една специјална епизода. Таа ќе се емитува на новиот стриминг сервис „Ејч-Би-О макс“, што ќе биде лансиран во мај, но датумот на премиерата засега не е објавен.

Ова специјално шоу ќе ги обедини Џенифер Анистон, Кортни Кокс, Мет ЛеБланк, Метју Пери, Дејвид Швимер и Лиза Кудроу во прв заеднички проект откако заврши снимањето на серијата во 2004 година.

„Се случува“, напиша Пери на Инстаграм, пост што потоа беше објавен и од останатите актери.

„Пријатели“ се емитуваше од 1994 до 2004 година и важи за еден од најпопуларните и најуспешни ситкоми на сите времиња. „Ејч-Би-О макс“ лани ја откупи серијата за 425 милиони долари.

Според „Вараети“, секој од актерите ќе добие по 2,5 милиони долари за овој специјал.